Полицијата нема да ги прифаќа дигиталните лични карти и возачки дозволи на телефон, граѓаните мора да ги носат пластичните документи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните ќе мора и понатаму да ги носат со себе пластичните лични карти и возачки дозволи, иако документите веќе се достапни и во електронска форма преку новата мобилна апликација „М-Услуги“. Дигиталните документи засега нема да се прифаќаат при полициска идентификација, бидејќи за нивно официјално признавање се потребни законски измени.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврдил за СДК.мк дека при полициските контроли граѓаните ќе треба да ја покажат физичката лична карта или возачката дозвола. Тој истакнал дека веќе се работи на потребните измени на законите и прописите, но додека тие не стапат во сила, пластичните документи остануваат задолжителни при идентификација.

Новата апликација „М-Услуги“, која официјално беше претставена вчера, овозможува пристап до дигитални документи, јавни услуги и известувања од институциите. Нејзиното користење е бесплатно и доброволно, а во иднина е планирано проширување на функционалностите, вклучително и можност за електронски плаќања.