Реформата во одбраната веќе ги дава првите позитивни резултати, носејќи сигурност и трајно решение за нашите професионални војници, соопштија од Министерството за одбрана, по денешното потпишување договори за вработување со професионални војници кои навршуваат 45 години возраст, како цивилни лица во Министерството чиј статус ќе се трансформира во цивилни лица во македонската Армија.
„Денешното потпишување договори е токму резултат на реформата која професионалните војници претходно не беа во можност да ја користат. Војниците кои денеска ги потпишаа договорите за вработување на неопределено време, претходно планираа да заминат со финансиски надомест (испратнина). Наместо да ја напуштат службата, тие по 45-тата година ќе продолжат да работат како цивилни лица сè до нивното пензионирање“, соопштија од МО.
Според министерството, реформата по повеќе децении става крај на неизвесноста и на професионалните војници им отвора нова, дополнителна можност — трансформација на работниот статус од определено на неопределено време. „Притоа, досегашните законски опции, како испратнината во висина од две просечни плати во државата за секоја помината година во Армијата, како и префрлањето во органите на државната и локалната власт, и понатаму остануваат во сила за оние кои тоа ќе го изберат“, велат од МО.
