И Бајден и Трамп веруваат во победа – неизвесни избори во САД, се пребројуваат гласови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако избирачките места се затворени, сè уште не знаеме кој е новиот претседател на САД. Во моментов од 513 електорски гласови, Бајден има 238, а Трамп 213. За победник потребни се 270.

Остануваат уште седум сојузни држави, кои немаат прогласено победа. Истите носат 89 електорски гласови. Но, утрово на прес конференција Трамп веќе прогласи победа, а истовремено рече дека овие избори се измама.

„Ова е измама за јавноста во Америка. Срамота за нашата земја, бевме подготвени да победиме на овие избори и победивме. Нашата цел сега е да го осигураме интегритетот за доброто на нацијата. Ова е важен момент, ова е голема измама во нашата земја. Сакаме законот правилно да се применува. Затоа ќе се обратиме на врховниот суд, сакаме целосно гласањето да се прекине. Не сакам по 4 часот наутро да наоѓаат ливчиња и да додаваат гласови“, посочи Доналд Трамп.

Од тимот на Џо Бајден реагираше на најавата од Трамп дека на суд ќе го оспори изборниот процес и гласовите.

„Изјавата на претседателот вечерва во врска со обидот да се затвори пребројувањето на уредно гласаните ливчиња е срамота, невидена и неточна“, истакна Џен О’Мали Дилон.

Според медиумските проекции, како трае броењето на гласовите, Демократите прават голем пресврт, иако долго трката беше речиси изедначена. Но, најновите информации велат дека Бајден е на добар пат да ги освои потребните 270 електорални гласови.

Изборниот колеџ треба да го прогласи победникот откако ќе ги изброе гласовите, законски, тоа треба да го  стори најдоцна до 14 декември.

Оваа година рекорден број, над 100 милиони лица ја искористија можноста за предвремено гласање.