И покрај нарушувањата на глобалниот енергетски пазар, Македонија во моментов нема проблем со снабдувањето со гас и се наоѓа во стабилна енергетска состојба, оцени премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска изјави дека евентуалното целосно нормализирање на глобалното снабдување со нафта и гас би можело да се очекува дури напролет следната година.
Според Мицкоски, дури и доколку војната престане веднаш, би бил потребен период од најмалку еден до месец и половина за количините на нафта и гас повторно да стигнат до потрошувачите.
„Од 6-7 милиони барели дневно сме спуштени на под два и ако се реализира забраната за извоз од САД и од Венецуела, тоа ќе биде сериозен предизвик“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека Владата има план за справување со евентуалните последици од нарушувањата на пазарите на енергенси. Тој информираше дека вчера разговарал со поголемите нафтени компании и нагласи дека продуктоводот функционира.
„Добро е што имаме план, што продуктоводот работи, добро е што го пуштивме, таму имаме количини не само за нас, туку и за соседите“, изјави Мицкоски.
Во однос на електричната енергија, премиерот рече дека земјава има една од пониските цени во регионот и Европа и дека се разгледуваат можности во периодите со зголемено производство од сончевите електроцентрали да се продолжи периодот на евтина тарифа.
Мицкоски додаде дека сè уште ги нема пресметките на Регулаторната комисија за евентуалните промени поврзани со евтината тарифа.
„Се бориме таа цена да остане иста и убеден сум дека ќе остане иста. Да видиме следната година какви се можностите во одредени периоди од годината кога имаме поголемо производство на електрична енергија од сонце, да го продолжиме периодот на евтина тарифа“, рече премиерот.
