И енергетската криза за политички пресметки – власта и опозицијата се обвинуваат кој кого поканил а кој кого одбил на средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Енергетската криза и проблемот со снабдување со енергенсите се повеќе се прашање дали и како ќе се реши, но власта и опозицијата изминативе денови се насочени кон тоа кој кого поканил на средба, а кој кого одбил. Откако директорот на ЕСМ Васко Ковачевски го повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ги достави понудите и контактите до ЕСМ, Мицкоски упорно инсистираше прво телевизиски дуел со премиерот Ковачевски а вчера му упати покана за средба и на вицепремиерот Фатмир Битиќи во седиштето на партијата. И Битиќи но и Ковачевски истовремено му одговорија дека местото каде што треба да се дискутира за некакви предлози е Економскиот совет кој е закажан за в среда.

„Граѓаните знаат дека јавно веќе скоро три години ги повикувам на соработка и одговорност, со цел справување со кризата. Еве, повторно, вратите се отворени, решенијата секогаш се наоѓаат на маса на која сите седиме заедно. Нема потреба од разговор во 4 очи, зад затворени врати“, вели Фатмир Битиќи.

„На последниот Економски совет во проширен состав, покана беше испратена и до ВМРО-ДПМНЕ, но, за жал, ниту еден претставник од опозициската партија не се појави. Сметам дека е потребно да потенцирам дека економските политики се креираат институционално, во Владата на Економскиот совет, со учество на сите засегнати страни. Одлуките пак се носат на владини комисии и седница, не на партиски штабови и со помош на партиски структури“, вели Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ одбегнаа да одговорат дали Мицкоски или претставници на партијата ќе дојдат на Економскиот совет.

„Уште еднаш ќе ве упатам, претседателот на партијата изнесе еден цел економски план, сет на економски мерки, контактите се дел од тоа. Конечно треба да покажат заинтересираност, затоа што тој економски план е за да се заштедат 300 милиони евра државни, народни пари, време е власта да покаже интерес“, додаде Миле Лефков.

Мицкоски пак напиша дека и Ковачевски и Битиќи не можат да ја надминат својата суета и да го остават политиканството. Тој повторно ги повика на средба во седиштето на партијата.

„Ако економскиот совет успешно го водевте немаше во 4 очи да коленичите по соседството и да молите милост да ви дадат. Ако економскиот совет беше успешен сега ќе обезбедевте струја за ФЕНИ и Бучим и наместо клуч на врата ќе гореа печките како што горат за слични такви компании во соседството. Ви стојам на располагање да ви го објаснам концептот што го нудам. Одберете тим и дојдете во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во време и ден кој вас ќе ви одговара“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски својот предлог го презентираше изминатава недела на средбата со раководството на Сојузот на стопанските комори.