Државната делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски пристигна во Вашингтон, каде ќе учествува на НАТО Самитот. Мицкоски е придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Она кое што сакам исто така да го потенцирам се големиот број билатерални средби кои што ќе ги имам заедно со државници на земји кои што се членки на НАТО алијансата, во деновите кои што следат, но исто така во деновите кои следат ќе имам средби со бизнис заедницата овде во САД, каде што ќе ги презентирам потенцијалите кои што ги нуди Македонија за инвестирање“, изјви премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски не го искористи уставното име, а засега нема информации за евентуална билатерална средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој претходно кажа дека Мицкоски ќе биде непријатно изненаден на НАТО Самитот, поради тоа што не го почитувал Преспанскиот договор. Од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека новата власт ќе води дипломатија насочена на градење на пријателски мостови.
„Сакаме да водиме добрососедска двонасочна политика и така ќе продолжиме да се однесуваме и да дојде до таква средба било во оваа или во некоја друга прилика“, изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, составот на делегацијата што замина за Вашингтон стана повод за обвинувања од страна на опозициската ДУИ на адреса на коалицијата „ВРЕДИ“. Од ДУИ велат дека делегацијата е моноетничка и ваквиот чин претставува систематски обид да се оттргнат Албанците од учеството во претставувањето на земјата во интегративните процеси.
„Моноетничката делегација од моноетничката Влада е дополнителен доказ дека вазалите од ВРЕДИ се множат со нула, како резултат на немањето изборен и етнички легитимитет. Денеска во делегацијата на Република Северна Македонија на Самитот на НАТО нема место ниту за „џентлменскиот“ вицепремиер, а камоли за некој министер.“
По реакциите, од ВРЕДИ информираа дека и претседателот на Собранието Африм Гаши утринава тргнал за Вашингтон. За неговата намера да отпатува на НАТО Самитот претходно немаше никаква информација, ниту пак е најавено дека е дел од официјалниот состав на државната делегација.
„На самитот на НАТО зема учество претседателот на Собранието, како претставник на ВРЕДИ, колку што сум запознаен тој денеска изутрина патува таму, така што имаме претставник на ВРЕДИ, кој е претставник на Самитот на НАТО во Вашингтон“, изјави Арбен Таравари, коалиција ВРЕДИ.
Гаши, не на Самитот на НАТО како што вели Таравари, туку веројатно ќе учествува на Парламентарното Собрание на НАТО, кое ќе се одржи на маргините на Самитот на претседателите на држави и Влади, исто така во Вашингтон.
