„И Гир ми кажа, се злоупотребува европското знаме“ – Пендаровски објасни зошто не го потпишал Законот за игри на среќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот, Стево Пендаровски, откако одби да го потпише Указот за Законот за игри на среќа, рече дека истиот мора да помине во Собранието во редовна постапка. Шефот на државата додава дека не го оспорува законот, но смета дека начинот на носењето е несоодветен, бидејќи кога се користи европското знаменце мора да има прецизна директива од кога е донесен, а во овој случај таа директива изостанала. Пендаровски вели дека за ова прашање разговарал и со амбасадорот на ЕУ.

Одлуката на Пендаровски е за жалење, велат од ДУИ. Причината што европското знаме било „злоупотребено“ за усвојување на законот, интегративците ја нарекуваат „приказна за мали деца“. Додаваат дека нема да се предадат во оваа битка и дека се убедени оти сите пратеници со чиста совест се против обложувалниците и казината.

Со реакција се јавија и од Движењето против коцкање.

„Тотално сме разочарани, се чувствуваме предадени од вашата преземена одлука за недекретирање на предлог-законот за игри на среќа, вашата заштитата на криминалот и криминалците во која се задушени од страста на криминалот и класичниот грабеж што му се прави на граѓанинот. Со вашата постапка, наводна злоупотреба на европското знаме, го легализиравте перењето на валкани пари и во име на европските стандарди го штитите сомнителниот капитал кои ја задушуваат нашата држава. „Претседателе, го предадовте вашиот гласач“, „Ние со леб, вие со камења“, велат од Движењето против коцкање.

Откако Пендаровски одби да го потпише законот, текстот треба да се врати во Собрание, а Претседателот ветува дека ќе го стави својот параф веднаш доколку биде усвоен со 61 глас по редовна постапка.