И Ковачевски не знае што содржи францускиот предлог, Радев го предупреди Петков да не помисли да го тргне ветото за Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Францускиот предлог за укинување на ветото за Македонија за чија содржина се уште се шпекулира, меѓу другото и тоа дека во него е предвидено бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка а Европската унија да биде гарант за нивно исполнување, за сега никој не говори. И премиерот Димитар Ковачевски го повтори она што и вчера го истакна претседателот Стево Пендаровски дека откако земјите членки ќе се усогласат по овој предлог потоа тој ќе биде доставен и до нас по што ќе биде заземен став. Тој ги повтори нашите позиции дека нема да има преговори за македонскиот јазик и идентитет и внесувањето на Бугарите во Уставот да биде последното барање на Бугарија.

„Постои предлог, кој што очигледно е испратен до Република Бугарија и кој што ќе треба да го разгледаат низ своите институции. Доколку таков предлог стигне усогласен на ниво на сите земји членки на Европската унија ние ќе го разгледаме и ќе ги дадеме нашите забелешки. Што ќе се случува во Република Бугарија ние навистина не можеме да знаеме бидејќи тоа зависи од развојот на настаните во нивниот парламент“, рече Ковачевски.

Иако се уште не е позната содржината на францускиот предлог, сепак од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека со него е предвидено бугарските барања да бидат дел од преговарачката рамка што, како што велат, тоа ќе значи чекор до бугаризација.

„Францускиот предлог буквално ги става бугарските барања во преговарачка рамка за Македонија на патот кон Европската унија. Тоа значи дека Македонија или ќе треба да се бугаризира на патот кон Европската унија или никогаш нема да стане членка на Унијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Бугарскиот претседател Румен Радев единствено нешто што зборуваше е дека премиерот Кирил Петков не смее да го тргне ветото за Македонија.


„Кабинетот треба да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Северна Македонија. Знаете дека идната недела премиерот заминува во Брисел и треба да ги задржи националните интереси. Затоа и Народното собрание и Бугарите претходно и јасно, треба да знаат точно за каква позиција ќе се залага премиерот. Секоја измама или обид за нејзина замена ќе има тешки последици“ рече Румен Радев.

За францскиот предлог денеска требаше да расправа бугарското Собрание, односно Комисијата за надворешни работи. Но, состојбата меѓу пратениците од изутрината толку се вжешти што дури дојде и до навреди и меѓусебни турканици на пратеничките групи на Продолжуваме со промените и ДПС при што пратеникот Настимир Ананиев беше бутнат. Истовремено политичката сцена во Бугарија се вжештува и влегува во тешка политичка криза за што, во вторник на вонредна седница ќе се расправа за недоверба на Владата на Кирил Петков.