Учениците од Долна Лешница, општина Желино и оваа учебна година ја почнаа во селската џамија. Иако неколкупати беше ветувано дека изградбата на училиштето ќе заврши наскоро, сепак, учениците и понатаму следат настава во просториите на џамија. Жителите потсетуваат дека им било ветено дека за три месеци учениците ќе влезат во нов училиштен објект.
-Да, и понатаму учат во џамија. Не знам кога почнаа. Нема услови во џамија, но кога ќе се изгради училиштето ќе се префрлат таму.
-Џамијата е за молитва, а не за децата да одат на училиште. Оној од општина Желино рече – за три месеци ќе ја завршиме. Помина една година, а тој не дојде да види дали нешто е направено во училиштето. Само со измами функционира ова. Не треба да зборуваш, туку да ја вршиш својата работа.
-Остави го тоа, требаше да го пуштат училиштето, учат во џамија. Детето не е за да учи во џамија, туку во школо. Тоа е, не знам што да кажам. Пред една година почна да се гради училиштето, ќе дојдат еден час и ќе си заминат, демек работат нешто. Одамна треба да се работи и да се заврши.
Од општина Желино велат дека училиштето е во завршна фаза и дека наскоро учениците од Долна Лешница ќе влезат во нов објект.
-Изградбата на училиштето се одвиваше во две фази, делот за темелот на училиштето кој беше поставен со заложба на општина Желино и делот за конструкција кој го направи Министерството за образование и наука. Од министерството побаравме да се набави инвентар за училиштето да може да се пушти во функција навреме. Но, сепак тие задоцнија со процедурите. Имаме гаранција дека наскоро ќе почнеме. Во завршна фаза сме од затворање на сите проблеми и активности за училиштето на Лешница, изјави Јасин Шаќири, портпарол на општина Желино.
-Се наоѓаме во училиштето во Лешница. Иако објектот е во завршна фаза, сепак сѐ уште не е подготвен за прием на учениците од Долна Лешница, вели репортерот на ТВ21, Сенат Зилбехари.
Учениците од Долна Лешница претходно следеа настава во барака изградена во 60-тите години, а откако општината и министерството ветија дека новиот објект ќе биде изграден до ова лето, децата една учебна година поминаа во селската џамија, во мали импровизирани училници.
