И пилоти пријавуваат пожари кога летаат над Македонија – Ангелов: Дел од вработените во ЦУК се залутани и нефункционални

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Минатиот месец во Македонија регистрирани се 210 пожари, а бројот во месец август за првите 15 дена е 223.

Стојанче Ангелов: И пилотите на воздухоплови пријавуваат пожари во контрола на летање, така што некогаш и од контрола на летање може да добиеме податок за постоење на пожар кој релативно е невидлив од урбаните средини или од селата.

ТВ21: Зборуваме за пилоти на комерцијални летови?

С.А.: Да, комерцијални, но и било какви воздухоплови кои што летаат.

Најчеста причина за избувнување на пожарите е човекот.

„Оваа година мислам дека се уште не е откриен сторител иако еден од последните мотиви кој досега не го споменав, тоа е патолошкиот мотив, за жал имаме случаи кога луѓе од патолошки мотиви односно пиромани на кои убаво им е да гледаат оган па палат оган и една друга категорија, криминална, кога намерно се палат убавите шуми за потоа дрвата да бидат откупени евтино“, вели Стојанче Ангелов.

Центарот за управување со кризи работи и на идејата за надградба на системот „112“ со што граѓаните при опасност би добиле СМС порака за рано предупредување.

„Ние аплициравме за ИПА проект за втора фаза со која е предвидено токму ова. Рано тревожење, известување на граѓаните, бидејќи денес, за разлика од порано, сирените за жал се нефункционални и целиот тој систем е распаднат. Јас преферирам известување преку мобилен телефон. Добивате порака во ваша близина има пожар оддалечетесе веднаш, во пораката може да дадете и инструкции како лицето да постапи“, додаде Стојанче Ангелов.

А за работата на ЦУК се потреби и врвни професионални, прашавме дали токму таков е кадарот кој управува со кризи. Директорот вели дека од 300 вработени, а дел од вработените повеќе прават штета од корист бидејќи не се стручни или пак имаат други сопствени бизниси.

„Секој регионален центар за управување со кризи има квалитетни луѓе, но факт е дека еден дел од луѓето се залутани, односно барале вработување, за жал партизацијата во државата се одразува во сите сфери. Многу малку функционерите зборуваат за оваа тема, но да во ЦУК би рекол повеќе од половината луѓе се нефункционални. Дури имаме примери кога ставаме во функција одредени вработени и штетата од нивната работа е поголема од користа кога не би го работеле тоа бидејќи не знаат, не можат, не се мотивирани, некои дошле само да земат плата“, вели Стојанче Ангелов.

За шегите на негова сметка на друштвените мрежи Ангелов вели дека не се лути и тие се позитивни.