Договорот меѓу општина Тетово и Здружението „Амос Пет“ за третирање на кучињата скитници во Тетово има бројни пропусти и се прекршени многу закони, вели Кемал Незири од Здружението „Happy Shelter“. Незири неделава ја посети општината за да праша каде се носат кучињата кои се заловуваат во Тетово, но како што вели, општинските власти немаат никаква информација.
–Договорот потпишан меѓу двете страни има манипулации, особено од страна на здружението. Побарав да видам каде се кучињата скитници, а тие со изговор дека се заловени 18 кучиња. Во моментот кога кучињата биле заловени, тоа е направено на нелегален начин. Ниту општината, ниту здружението немаат право без посебен документ да излезат на терен и да ловат кучиња. Лицето кое со пушка пукало во кучињата, нема право на тоа без посебен документ. Барам од општината да знам – кој пукал во кучињата и каде се кучињата, вели Кемал Незири од здружението Happy Shelter.
Според Незири, доколку општината и здружението „Амос Пет“ не кажат каде се кучињата, тогаш се остава простор за сомнеж дека бездомните кучиња во Тетово се убиваат.
-Најмногу нѐ загрижува фактот што не знаеме каде се кучињата. Во моментот кога ќе дознаеме каде се кучињата и кога ќе дознаеме кој и како ги заловил, тогаш работата станува јасна. Но, сѐ додека општината и здружението ги кријат овие работи, секојдневно нѐ води во правец да мислиме дека кучињата или се убиваат или не се знае каде се, додава Незири.
Меѓу другото Незири вели дека ќе продолжи да бара информации од општината каде се наоѓаат кучињата скитници. Според него, кучињата не смеат да се држат на место кое нема лиценца за таа дејност. ТВ21 ја праша општината Тетово, но и Здружението „Амос Пет“ – каде се сместени кучињата скитници, но не добивме никаков одговор.
