Вработените во Зоолошката градина ја искористија паузата за да излезат на протест бидејќи сè уште не ја земале платата за март, а поради ова, велат тие немаат ниту здравствено осигурување.
Велигден го поминавме без плата, 1-ви Мај го поминавме без плата, што е многу многу е, вели првиот човек на синдикатот на ова јавна установа Миле Таневски. Рече дека за сега остануваат само на овој протест, но доколку проблемот не се реши набрзо тие ќе стапат во штрајк.

„Значи банки, извршители веќе почнаа, телефоните ни се исклучени, знаете како функционира оваа држава, значи ако не платиш на времено ти следуваат камати. Треба да се договориме со синдикатот да видиме што понатаму. Што понатаму треба да се договориме со сите останати што се засегнати околу ова, значи има повеќе институции во градот кои што не земале плата, дали ќе одиме на штрајк, треба да видиме“, вели Миле Таневски.
Мирослав Станковиќ вработен во Зоолошката градина вели дека тие се изложени на постојани повреди при работењето и затоа е потребно под итно да се реши проблемот и со платата и со здравственото осигурување.

„Најважно е дека ние сме склони повеќе на повреди, па сега веќе немаме ни здравствено осигурување, ние секојдневно сме склони на повреди. Мислам дека заслужуваме да бидеме испочитувани и да ни се исплатат средствата да почнеме веќе редовно, нормално да си работиме“, вели Мирослав Станковиќ.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков побарал средба и со директорот на Зоолошка Зоран Попов за да разговараат за проблемот со платите, но тој не беше на работа. Трпението на вработените е при крај, рече Неделков кој не ја исклучи можноста за штрајк.

„Ако денеска луѓето излегоа да ја кажат својата мака јавно на медиуми од утре па натаму доколку под итно не се исплатат платите веројатно и вратите на Зоолошка градина ќе бидат затворени“, вели Јаким Неделков.
ТВ21 се обрати до Министерството за култура од каде ни рекоа дека денеска веќе се обработуваат платите и ќе бидат исплатени во најскоро време.

„Платата од утринава е пристигната за установите од областа на културата кои се под надлежност на Град Скопје, истата се обработува во Министерството за култура и туризам и ќе биде доставена до Министерството за финансии за платите да бидат исплатени без понатамошно одложување“, велат од Култура.
Изминатите денови имаше протести и од вработените во културата поради тоа што и тие немаа земено плата.
