Несогласување или инаетење. Четвртиот состанок на Жан Моне дијалогот во кој се преговара за нов собраниски Деловник помина без опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека и претходната средба била одложена поради ВМРО-ДПМНЕ кои тоа го побарале поради партиски обврски, а денешната средба и покрај тоа што била најавени на 2 овој месец, од опозициската партија повторно стигна најава дека нема да присуствуваат.
Интенцијата е да се има консензуално решение, но тоа што ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на средбата имаше и други претставници од опозицијата, рече Џафери.
„Не е идејата да се одбегне учеството на опозицијата, суштината е што не се изјаснија за продолжение на состанокот откако по нивно барање беше одложено. Сега не можев да оставам во недоглед, дали ќе ме известите или не, затоа бев приморан во соодветен рок да ја свикам денешната седница“, вели Џафери
Координаторот на СДСМ Јован Митрески ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не бидат натаму партијата што повторно ќе биде критикувана во извештајот на Европската комисија за нивно неучество во овој дијалог.
„Мојата прва реченица која што ја кажав на денешниот беше повикот до опозицијата да се вклучат и тие и сите заедно да донесеме Деловник кој што ќе обезбеди функционално Собрание. Ние можеби зборуваме за овој мандат може да се зборува и за следниот мандат меѓутоа интенцијата треба да ни биде да има функционално Собрание без разлика кој ќе биде власт а кој опозиција“, вели Јован Митрески.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски забележа дека тие за оваа средба не биле консултирани дали можеле да дојдат или не поради претходно закажани обврски. Тој рече дека денешната средба и одлуките што произлегле од неа се некредибилни поради отсуството на нивната партија.
„Начинот на кој што е одржано денешното Жан Моне без учество на најголемата опозициона партија или коалиција фрла сомнеж на целата кредибилност на овој процес. Денеска од ВМРО-ДПМНЕ уредно најавија дека нема да можат да присуствуваат како и минатата недела. Да не бидам погрешно сфатен не е работава да се опструира целиот процес туку да се донесе Деловник кој што ќе служи на сите пратеници во Собранието“, порача Никола Мицевски.
Ова беше четврта средба на Жан Моне процесот преку кој со консензус треба да се договорат новиот Деловник за работата на Собранието. Во годинешниот Извештај на Европската комисија беа наведени неколку забелешки за работата на парламентот меѓу кои и забелешката дека без одлагање треба да се донесат предлозите за измени на Деловникот преку процесот Жан Моне.
