Со оваа песна секретарот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими го почна денот.
Оваа порака за „тежината на кажаното“, како што се чини е упатена кон партнерите од владината коалиција кои сакаат да го нарушат договорот со Алтернатива, односно да ѝ одземат на партијата едно министерство за да ѝ го доверат на Алијанса за Албанците. Ова може да се заклучи и од изјавата на Ибрахими за ТВ21, кој рече дека мнозинството се проширува за да се спаси кариерата на Артан Груби.
„Единствена причина е што на ДУИ ѝ недостигаат пратеници и излегува дека мнозинството се зголемува само за да се спаси политичката кариера на Артан Груби. Во ред и ова е јасно, но зошто треба да се земе од делот на Алтернативата за да се плати цената за кариерата на Артан Груби? Загрижени сме само за прашањето што се нарушува или кое може да се наруши, да бидеме попрецизни со термините – договорот што го имавме“, вели Зеќирија Ибрахими.
Инаку, викендов Ибрахими се сретна со Изет Меџити од т.н. „огнена група“. Средбата се одржа по иницијатива на Ибрахими, а како што рече тој, со Меџити разговарале околу тоа до каде се со нивните позиции.
„Поради тоа што им поверувавме на нашите пријатели од Албанија кои ни рекоа – влезете во оваа Влада бидејќи Али Ахмети е маж кој си стои на зборот и нема да ве изневери… за да функционира оваа Влада. Ова беше моето објаснување и пред г.Меџити – дали сѐ уште останаа мажи кои си стојат на зборот и на ставениот потпис?“, додава Зеќирија Ибрахими.
Но, дали средбата меѓу Меџити и Ибрахими навестува можна соработка меѓу двете партии? Ибрахими вели дека за тоа не одлучува тој, туку партиските тела. Според него, првин треба да се констатира дека не е одржан зборот за постигнатиот договор. Став, во однос на средбата побаравме и од потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, но не добивме одговор.