Иднината на Западен Балкан – Јанмат: Очекувам ЕУ да ја усвои преговарачката рамка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку Северна Македонија ги стартува преговорите со ЕУ, пристапниот процес ќе оди брзо, смета Фрек Јанмат од Европската делегација. Јанмат се надева ЕУ час поскоро да ја усвои преговарачката рамка за пристапување на земјата во европското семејство.

„Иако земјите од Западен Балкан сѐ уште не се членки на ЕУ, сепак не заостануваат бидејќи веќе се интегрирани во економски аспект и во разни области. Се надевам што поскоро да имаме отворање на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, и како што реков што поскоро Македонија да го направи стартувачкиот чекор“, рече Фрек Јанмат од економскиот оддел на Европската делегација.


Универзитетскиот професор, Марјан Бојаџиев, говорејќи околу патот на земјата кон ЕУ, рече дека никој не верувал оти Македонија толку долго би чекала пред вратите на Унијата. Тој воедно се осврна и на прашањето – што ако земјата повторно ќе ги почне преговорите?


„Идејата е што ако сега не ги стартуваме преговорите со ЕУ, што треба да направиме ние? Не треба само да седиме и да се жалиме дека нема правда, дека овие луѓе не се добри, иако ние ги завршивме нашите задачи. Ние треба да направиме нешто друго и мислам дека нашата најдобра алтернатива е економската интеграција или уште подобро – европската економска интеграција“, истакна универзитетскиот професор Марјан Бојаџиев.


Северна Македонија уште во 2005 година го доби статусот земја-кандидат за членство во ЕУ, а во 2008-та Грција го блокираше патот на земјата кон Унијата со ветото што го стави поради прашањето за името. Со Договорот од Преспа, на земјата ѝ беше деблокиран патот, но и покрај тоа Македонија повторно не успеа да означи старт на преговорите поради измена на преговарачката методологија.