ИЈЗ ќе направи до 1000 тестови на ден – Ковид-19, почна со работа нов пункт за тестирање

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Ова зад мене е новиот пункт за Ковид тестови. Отворен е денеска од 7 30 часот, при Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, каде граѓаните ќе имаат можност да направат побрзо ковид тест и резултатите да ги добијат во пократок временски период“, посочи репортерката на ТВ21.

Новоотворениот пункт ќе работи секој ден од 07:30 до 14 часот зимање на брисеви  на граѓаните кои треба да се тестираат за Ковид-19 и од 18 до 20 часот за резултати од тестирањата.

Таму беше и претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, кој се обидуваше да им објасни на граѓаните дека резултатите од направениот тест ќе бидат готови во текот на денот.

Караџоски им кажуваше на граѓаните колку долг беше редот во претходните денови и се обидуваше да им помогне.

Бројот на тестови на Институтот за јавно здравје требда да се зголеми на 1000 на дневно ниво, што е за околу 150 тестови повеќе од претходните денови. Тестови се прават и на приватните клиники.

„Институтот располага со доволен број тестови за Ковид-19. Епидемиолошката служба ќе биде ангажирана во две смени, а за таа цел ќе бидат креирани и дополнителни термини за тестирање во системот МојТермин. Инаку, предвидено е да се обезбедат вкупно 350 дополнителни тестови, по 100 на дневно ниво во Центарот за јавно здравје и во лабораторијата во Козле, како и споменатите 150 во Институтот за јавно здравје“, велат од Министерството за здравство.

Караџоски и Филипче вчера најавија дека ќе отворат пункт за тестирање во Ѓорче Петров со цел граѓаните од тој дел од градот, да не мора да доаѓаат до центарот на Скопје за да бидат тестирани. Инаку до крајот на неделава ќе се знае дали граѓаните ќе можат да се тестираат за Ковид-19 во приватни лаборатории, на товар на Фондот за здравствено осигурување.