Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) соопшти дека нивни екипи веднаш излегле на терен по добиено барање од Јавното обвинителство, со цел да земат примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. Оваа реакција следува по алармантното известување од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар за нагло зголемен број на пациенти со гастроинтестинални проблеми.
Како што наведуваат од Институтот, екипите се вратиле од терен во раните утрински часови во четвртокот, по што веднаш била отпочната целата постапка за лабораториска анализа на земените примероци.
Поради итноста на ситуацијата и потребата од навремени резултати, стручните тимови на ИЈЗ работат вонредно.
„Со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов се на работа и интензивно ги анализираат примероците“, се вели во соопштението на ИЈЗ.
Од ИЈЗ нагласуваат дека се во постојана комуникација и координација со сите надлежни државни институции. Откако ќе завршат сите лабораториски испитувања, финалните резултати ќе му бидат доставени директно на Јавното обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот.
