„Икарус“ и „ЕВН“ го добија тендерот за 150 електрични автобуси во Македонија, ќе чинат 51 милион евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Унгарската компанија „Икарус Електрик Зрт“ и австриската компанија ЕВН, во заедничка понуда, го добија повторениот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење . Нивната понуда, вредна околу 51 милион евра, беше избрана за најповолна на електронската аукција што се одржа денес, соопшти Министерството за транспорт.

Оваа одлука доаѓа откако претходната тендерска постапка беше поништена со одлука на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Четири компании првично учествуваа на јавниот повик:

  • Xiamen Golden Dragon Bus Co., Ltd
  • ДА – ЕУ Данска A/S (Јутонг)
  • БМЦ Автомобилска индустрија и трговија Инк.
  • Икарус Електрик Зрт, во конзорциум со ЕВН.

По евалуацијата на документацијата, Комисијата за јавни набавки утврди дека само двајца економски оператори ги исполнуваат сите законски критериуми за учество на електронската аукција: турскиот производител BMC и конзорциумот Ikarus – EVN.

На електронската аукција, унгарско-австрискиот конзорциум понуди најниска цена:

  • Вкупна вредност: околу 51 милион евра
  • Цена по автобус: околу 322 илјади евра (без ДДВ)
  • Цена по станица за полнење: околу 33 илјади евра (без ДДВ)

По завршувањето на аукцијата, Комисијата официјално го предложи конзорциумот Икарус – ЕВН за најповолен понудувач. Сега почнува да тече законскиот рок од 10 дена за поднесување жалби.