Илинден во Крушево, свирежи и аплаузи за власта – Ковачевски: Не постои поголем патриотизам од носење државнички одлуки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Крушево денеска слави, може да се каже и дека е центар на случувањата во државата. Тука се присутни голем број граѓани. Дојдени се да го одбележат 2-ри август, Денот на републиката. Годинава овој голем ден се одбележува под слоганот Илинден, нашата сила за иднината. 2-ри август е денот кога пред 119 години беше покренато Илинденското востание и беше прогласена Крушевската република. Инаку, Македонија одбележува и втор Илинден, тоа 78 години од одржувањето на првото заседание на АСНОМ, кога беа удрени темелите на македонската државност. Овде во Крушево свеченоста и одбележувањето започна уште кога рано утрово кога голем број делегации, меѓу кои и владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски дојдоа овде на споменикот Македониум, каде одадоа чест и положија свежи цвеќиња и венци на вечното почивалиште на претседателот на Крушевската република Никола Карев. Почит и свежи цвеќиња беа положени и на споменикот на славните илинденци кои се бореа да ја очуваат Крушевската република. Споменикот е на Мечкин Камен и токму таму беше одржана централната манифестација и свеченост каде што се обрати премиерот Димитар Ковачевски. Тој во своето обраќање најнапред го честиташе големиот празник, големиот ден, Илинденското востание и порача дека идејата на крушевските илинденци, но и асномци, за подобра и просперитетна Македонија ќе биде зачувана. Илинден нашата сила, Илинден е нашиот код, рече Ковачевски и повика на обединување“, јавува репортерката на ТВ21 од Крушево.

„Не постои поголем патриотизам од носењето на државнички одлуки. Илинденците со оружје во рака се бореле за ние денес да можеме да водиме други, поинакви битки, за развој и просперитет на сите граѓани подеднакво. Денес нашиот поглед е свртен кон иднината, исто како погледот на илинденците во 1903, 1944 и во 1991 година. Сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре. Но, пред се за посветена работа, за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава. Како што успеавме да се обединиме независно од нашата етничка припадност, нашата заедничка должност е да се обединиме и независно од политичките определби, ако илинденците и асномците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети и во времето на Илинден, и во времето на АСНОМ и денес се напредок на државата.“, рече Ковачевски.

Инаку, околу атмосферата што беше на самиот Мечкин Камен, при самото доаѓање на владината делегација, не може да се каже дека имало некои инциденти, туку дека имаше помешани реакции. Дел од присутните исвиркуваа, носеа вувузели, извикуваа никогаш Северна, само Македонија. Но, тоа беше помала група, сепак поголем дел од присутните ја поздравија владината делегација. На Мечкин Камен дојде и делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот Александар Николоски. По положувањето на венците и свежото цвеќе, Николоски даде изјава во која искритикува дека самата манифестација била испартизирана дека голем дел од присутните биле партиски симпатизери и рече дека поради тоа тие ќе ја напуштат манифестацијата и дека нема да присуствуваат на обраќањето на премиерот Ковачевски.

„Заради ваквото партиско и политичко однесување ние во овој момент ќе го напуштиме Мечкин Камен и нема да присуствуваме на обраќањето на претседателот на владата затоа што очигледно ова е партиска манифестација на СДСМ, а на митинзи на СДСМ немаме намера да учествуваме…Благодарам…-рече Николоски.
Новинар: А, од кои причини. Еве ме мотивиравте да поставам прашање. Им беше ли кажано на граѓаните од кои причини.
Николоски: Ги немало во протоколарна листа. Јас лично бев да интервенирам кај неколку, го повикав и владиниот протоко, ги немало во протокарна листа, очигледно само членовите на СДСМ ги имало во протоколарна листа.
Новинар: За колку лица се работи.
Николоски: За илјадници.

Тоа беа пораките од илинденско Крушево, на одбележувањето на овој голем ден на Илинденското востание, во кој што се одбележаа 119 години од кревањето на Илинденското востание прогласувањето на Крушевската република.