Министерствата за спорт, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади и за дигитална трансформација, повеќе партнерски установи, ОБСЕ и невладини организации, пратеници и други членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, денес ја потпишаа Декларација за намери за превенција на насилство кај младите. Документот ќе поттикне уште посилна заедничка акција за справување со овој голем општествен предизвик, смета министерката за образование, Весна Јаневска.
„Потврдивме дека ќе се заложиме за градење на безбедна училишна срдина, за едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност, ментално здравје и психосоцијална поддршка, посилна координација и одговорност меѓу институциите.
Низ годините наназад, граден е механизам за справување со врсничкото насилство, кој особено во изминатите две е значително унапреден.
Ќе потсетам дека направивме законски измени согласно кои, училиштата се должни во своите годишни програми за работа да планираат и програми за промоција на добросостојба на учениците, заштита од насилство, од злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, подобрување на комуникацијата и слични активности за подигнување на свеста за мирна и хармонична училишна средина во која ќе има меѓусебно разбирање и почитување. Ги зајакнавме стручните служби со ангажирање на кадар онаму каде недостигаше и со обуки за вештини зa превенирање насилство, а ги вративме дежурствата на наставниците за време на одморите во ходниците и во дворовите. Со приватниот сектор е подготвен прирачник за наставници и стручни соработници за справување со врсничко насилство, базиран на ефективни одговори на примери од пракса, како и прирачник за справување со сајбер насилство. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште.
Најавувам дека ќе започнеме мултиресорска кампања за справување со семејно и врсничко насилство, бидејќи првото е најчесто причина за второто. Сите детали ќе ги споделиме до крајот на неделава.“, напиша Јаневска на својот „Фејсбук“ профил.
