Илире Даути се скара со Гаши и со Мицевски – „Барам да ја образложам оставката, не можеш да ме држиш со сила, срам да ви е“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кавга во Собранието меѓу Илире Даути со претседателот на Собранието Африм Гаши и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Таа утрово до Собранието ја поднела својата оставка откако во петокот беше изгласана интерпелација за неа како претседателка на Комисијата за социјална политика. На денешната седница побара да ја образложи својата оставка, но претседателот на Собранието Африм Гаши не и дозволи со образложение дека тоа може да го стори на наредната седница на 21 јануари. По ова настана кавга меѓу неа и Гаши, се вклучи тука и Талат Џафери кој на Гаши му го објаснуваше Деловникот, а во расправијата се вклучија и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Не можеш ти мене да ме држиш на сила господин Африм Гаши, не можеш ни ти Мицевски, молчи, молчи таму и само можеш да слушаш. Научете се да го почитувате Деловникот законите и постапките. Бездруго тука денес ќе се слушне мојот глас имоето образложение  за лошиот акт кој го направивте. Срам да ви е. Ти да слушаш и да седиш таму. Никој не те прашува тебе сега, сега јас имам збор. Вие го кажавте вашиот збор сега мене ми е редот да го кажам мојот збор. “, порача Илире Даути.

Гаши даде пауза, но и покрај тоа Илире Даути за цело време не ја напушти собраниската говорница, а беше придружена и од пратениците на Европскиот фронт. По паузата Гаши сепак попушти и и дозволи на Даути да даде образложение.

„Бидејќи Деловникот е јасен, бидејќи се крши ќе направиме еден исклучок поради театарот“, вели Африм Гаши.

На самиот почеток на обраќањето пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ја напуштија салата. Во образложението Даути го повтори ставот дека единствен начин да продолжи да биде претседателка на Комисијата за социјална политика е да се соберат сите пратеници и да ја поништат нејзината интерпелација. Таа за цело време и пратениците кои гласаа за нејзината интерпелација но и претседателот на Собранието Гаши ги нарекуваше непочитувани пратеници.

„Нема да прифатам различни услови на дејствување надвор од Деловникот кој ги подготвил пленумот во форма на заклучок и единствениот начин за да продолжам јас во таа позиција е да се собере пленумот и во политички договор така како што ја изгласаа таа одлука да ја тргнат. И ти непочитуван Африм Гаши излези и кажи им на Албанците за што ти треба заклучокот кое го даде на гласање и за што јас да продолжам со Комисијата“, вели Илире Даути.

По изнесувањето на образложението, претседателот Гаши ја констатира оставката на Илире Даути од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика откако во петокот и беше изгласана интерпелација.