Илјадници мигранти на грчката граница, дали балканската рута преку Македонија повторно ќе биде отворена

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И натаму тензично на турско-грчката граница откако Турција ги отвори границите, а десетици илјади мигранти тргнаа кон Европа. Грција го блокираше влезот, а  војската и полицијата добија наредба да ги бранат границите и да не дозволат по ниту една цена мигрантите да ја преминат границата.

За оваа цела беа користени и солзавец и шок бомби против мигрантите на граничната линија кај селото Кастањес.

Тие пристигнуваат организирано со автобуси од Турција. Во моментов над 10 илјади мигранти кои преку Грција сакаат да заминат кон земјите на Европската унија се заглавени меѓу турско-грчката граница. Некои и со препливање на реката се обидуваа да стигнат до грчката граница.

Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лејен изрази загриженост за состојбата на надворешните граници на Европската унија со Турција и посочи дека Грција и Бугарија ја имаат целосната поддршка.

„Европската комисија и Советот на Европа ја следат состојбата со загриженост на границата на Европската унија со Турција. Шефот на Советот Шарл Мишел и јас сме во постојани контакти со премиерите Мицотакис и Борисов.“, вели вон дер Лејен.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис порача дека Грција ќе ги штити своите граници и дека нема намера да ги решава меѓународните проблеми на штета на грчкиот народ. Тој вели дека Грција нема никаква одговорност за актуелните случувања во Сирија.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев не одговори на нашето барање за став околу тоа колку земјава е подготвена да се справи со евентуалниот мигрантски бран. Вицепремиерот за европски прашања вели дека земјава е подготвена за справување со евентуален наплив на бегалци, но во координација со Фронтекс и земјите членки на Европската унија.

„Ние сме во постојана координација со земјите членки на Европската унија и со нашите партнери ја следиме состојбата уште од моментот ккога почна да се разгорува ова прашање. Нашите институции се подготвени за справување со евентуален хипотетички бегалски бран, но тоа справување е повеќе во координација со ФРОНТЕКС и со земјите членки на Европската унија со кои споделуваме заедничка политика во однос на бегалците.“, рече Османи.

Последниот бегалски бран во 2015 и 2016 година се случи кога стотици илјади мигранти преку грчката граница и нашата земја влегоа во Европа.