Двата албански политички фронта, ВРЕДИ и Европскиот фронт тврдат дека нема да станат дел од коалиција која не ги прифаќа уставните измени. Кандидатот за претседател од Европскиот Фронт, Бујар Омснаи, вели дека постои потпишан документ од лидерите на политичките партии, дека нема да формираат владина коалиција без уставните измени. Според Османи, на земјата не и треба влада која ќе ја држи државата заробена.
Но, кандидатот за претседател на ВРЕДИ, Арбен Таравари не потврдува дека има потпишан документ. Повтори дека има само џентлменски договор и дека за ова прашање е разговарано. Таравари уверува дека ВРЕДИ нема да стане дел од влада која не чекори кон европскиот пат.
„Повторувам дека имаме џентлменски договор, сме разговарале. За нас ве уверуваме дека нема да станеме дел од коалиција која не чекори кон европскиот пат и нема помоќна гаранција од ВРЕДИ во следната Влада, бидејќи ВРЕДИ ќе биде дел од идната влада. Нема помоќна гаранција дека ќе чекориме кон европскиот пат“, вели Арбен Таравари.
И покрај тоа што овие услови се за ВМРО-ДПМНЕ, од оваа партија се уште одбиваат да гласаат за уставните измени, бидејќи ги нарекуваат бугарски диктат. Влатко Ѓорчев во Дајли Клик, рече дека овие измени не ги сакаат ниту граѓаните на Македонија.
Инаку, претседателот на Демократското движење, Изет Меџити вчера изјави дека нема таков потпишан документ. Тој го повика Османи да го објави документот за кој вели дека постои. Доколку не го стори тоа, Меџити изјави дека ова би била најголемата лага во кариерата на Османи.
