Има ли конкретен план за вакцинацијата?! – Мицкоски го пофали, ВМРО-ДПМНЕ со критики до Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го пофали министерот Филипче, поточно договорот со Бугарија, за донација на вакцини против Ковид 19.

„За пофалба е сечиј труд, што поскоро да се дојде до вакцината за COVID за што повеќе македонски граѓани, дури и преку помош од соседите!  Само би сакал да го прашам Венко Филипче, што точно е договорено? Kога и колку вакцини можеме да очекуваме, за да може да се направи детален план?“, посочува Христијан Мицкоски.

Неколку часа откако осамна овој ФБ статус на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ одржа прес конференција на која следуваа критики на адреса на министерот.

„Значи кога речиси сите веќе набавија вакцини и стартуваа со вакцинација против корона, Филипче не знае каде тера.  Прво, Филипче рече вакцина за корона ќе имало на почеток на следната година, за  потоа да ја смени изјавата дека тоа ќе се случи во март. Вчера веќе објаснува како Македонија била мал пазар па вакцини ќе имало во втората половина на 2021 година“, вели Марија Андоновска.

Но, дали навистина Македонија има план за набавката на вакцини и процесот на вакцинацијата. Покрај бројните прашања од страна на новинарите, од Владата со еден ист одговор кој постојано го повторуваат.

„Значи повторуваме, дека се користат сите инструменти, дека навреме се почнати сите процедури. Веќе рековме, 830 илјади се обезбедени за 400 илјади граѓани. Покрај овој Ковакс механизам во тек се преговори со директна набавка од компаниите кои што ги произведуваат вакцините, предвиден е и трет механизам преку ЕУ“, истакна Душко Арсовски.

Она што се знае дека Бугарија вети донација, но не се знае колку и кога овие вакцини би пристигнале. Се знае дека е разгледана информацијата за планот за вакцинација со што Владата задолжи неколку институции да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови и процедури за прием, физичко обезбедување, диструбуција и аплицирање на вакцините за Ковид 19.

Додека Македонија се уште подготвува акциски планови, соседите држави најавуваат старт на вакцинацијата во овој месец. Освен во Грција, првиот контигент на вакцини пристигна во Србија. Во оваа земја вакцинацијата треба да почне од утре, а до крајот на месецот вакво нешто најави и Хрватска.