Шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР за претстојните избори Џилијан Стирк нема конкретен одговор дали зголемувањето на бројот на набљудувачи би значело дека постојат некакви сознанија за можни нерегуларности и немири, како што тврдат партиите од албанскиот политички блок. Стирк вели дека со самото тоа што се двојни изборите постои доволно причина за зголемен број на набљудувачи.
„Бројот на набљудувачи генерално се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите и има два вида на избори кои што се случуваат во ист ден и не е невообичаено да имаме поголем број на набљудувачи и дека бараме голем број на набљудувачи за претседателските и парламентарните избори“, вели Стирк.
Од коалицијата ВРЕДИ деновиве обвинија дека мисијата на ОБСЕ ОДИХР го зголемува бројот на набљудувачите поради стравување од нерегуларности на претстојните избори, како држава со кревка демократија.
„Дали ДУИ подготвува терен да предизвика политичка криза по изборите за да може техничката влада на Талат Џафери да го продолжи својот технички живот?“, прашува Амир Елези.
Од ДУИ пак на ваквите обвинувања преку соопштение одговорија дека ги следат обвинувањата на албанската опозиција и кон Бујар Османи и кон Џафери, но дека сите тие, како што рекоа дел од нивното руско сценарио за да не ги прифатат изборните резултати и да предизвикаат политички немири по 8 мај. Сепак од ОБСЕ ОДИХР велат дека ќе имаат тим од 12 меѓународни експерти а дополнително и долгорочни и краткорочни набљудувачи.
„Покрај главниот тим ќе имаме група на долгорочни набљудувачи вкупно 20 лица кои што ќе бидат распоредени низ земјата, ќе бидат распоредени во тимови по двајца. Ние исто така побаравме 300 краткорочни набљудувачи кои што треба да пристигнат непосредно пред изборите, неколку дена пред изборите, ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите.“, рече Стирк.
Во врска со тоа дали усвојувањето на препораките на ОБСЕ ОДИХР кои се однесуваат на некои измени на Изборниот законик беа предоцна донесени, Стирк рече дека се уште се во фаза на анализирање и дека сега започнуваат со проценки колку од нивните препораки се усогласени. Шефицата на мисијата информираше и дека веќе имале прв состанок со Државната изборна комисија.
