НАТО одби барања на двајца припадници на Армијата на Северна Македонија за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.
Претседателот Стево Пендаровски вели дека од вкупно 150 лица во армијата и политиката, половина од нив веќе го поминале овој процес позитивно, а очекува да бидат одбиени уште 15-тина лица.
Еден од одбиените е кандидатот на Северна Македонија за главен воен претставник во седиштето на НАТО. Името на вториот не е познато, но Претседателот уверува дека тој не е фигура од политиката.
Без сертификатот на НАТО никој не може да биде назначен на важни државни позиции каде би имал пристап до класифицирани информации. Сепак професорот по безбедност Марјан Ѓуровски, објаснува дека иако не поседуваат сертификат, не го губат правото да продолжат со нивната служба во Армијата.
Ѓуровски вели дека недобивањето на сертификатот не треба да се гледа од аспект дека Армијата е полна со шпиони на земјите непријателски настроени кон НАТО, туку напротив, додава дека оваа проверка дополнително ја зајакне професионалноста на системот.
Ова ќе ги департизира и декриминализира институциите, затоа бара политиката да ги држи рацете подалеку од системот за безбедност и одбрана. Ѓуровски очекува во иднина од 500 до 600 функционери во земјата да добијат сертификати од различни нивоа (ешалони).
Процесот го спроведуваат домашните институции, а формално го води Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Свој придонес даваат и други разузнавачки агенции, а помош доаѓа и од НАТО.
