Има место за сите пациентки кои доаѓаат – сите трудници се препраќаат на гинекологија во Чаир

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако настана кризата со новиот вирус, сите трудници се упатуваат на Гинекологија Чаир. На сите им се мери температура и им се прават анализи, па дури потоа се хоспитализираат во оваа болница. Доколку некоја трудница покаже симнителни симптоми се упатува на Универзитетската клиника за Гинекологија.

„На сите пациентки при приемот им се мери температура и клиничко испитување. Тие кои имаат позитивна анамнеза во однос на делот за епидемиологија, кои доаѓаат од земји со среден или висок ризик и доколку покажуваат одредена клиничка слика за сомнеж, се упатуваат на Универзитетската клиника а другите ги примаме кај нас“, истакна Илир Шурлани.

Заменик директорот, Илир Шурлани вели дека зголемен е обемот на работа на Гинекологија Чаир но дека има место сите пациентки кои доаѓаат.

„Се трудиме со поголема ангажираност да го покриеме и делот  каде пациентките гравитираат кон оваа болница. Нема да зборувам во бројки бидејќи бројките варираат, се менуваат од ден на ден. Меѓутоа работата на целиот персонал на Гинеколошката болница е зголемена“, посочи Шурлани.

Техничкиот персонал и лекарите во болницата во моментов се снабдени со заштитна опрема.

„Добро сме снабдени со заштитна опрема. Почнувајќи од ракавици, заштитни очила, сега овие два три дена добивме и визир заштита со капи. Така што во моментов не ни фали заштитна опрема“, додава Шурлани.

Од болницата во Чаир информираат дека до сега немале случај некоја бремена жена да биде позитивна на коронавирусот.