Позитивната листа на лекови ќе се прошири откако ќе се избере Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, вели Министерот за здравство, Арбен Таравари, при што додаде дека оваа листа за која има доволно пари ќе биде ажурирана после цели 25 години.
„Има пари, нема никаков застој само чекаме да се избере новиот Управен одбор, значи овој одбор се уште не е комплетиран. Инаку од наша страна е испратена пред 2 недели, со согласност од Фондот. На првата седница на Упраен одбор позитивната листа ќе ја промовираме заедно со Дирекотрот на Здравствен фонд. Не се спорни 9 лекови кои се ставени за 9 нови диагнози. Апсолутно не, одобрени се и нема голема финансиска импликација“, вели Арбен Таравари.
А во врска со медицинскиот кадар кои се со средно образование и без решение, Таравари истакна дека во рамките на актуелниот буџет, до крајот на годината ќе најдат решение тие да се вработат.
„Моја следна заложба ќе биде до крај да ги видам овие кои работат подолго време, особено медицинските лица со средно образование, кои долго време работат и немаат решение за работа. Да се најде решенија за нив, до крајот на годината треба да бидат и редовно вработени“, порача Арбен Таравари.
Значи ќе се чека новиот буџет?
„Новиот буџет нема да се чека, ќе се обидеме да го менаџираме во овој буџет. Сепак, ми треба време да се усогласам со другите министерства“.
Инаку, министерот Таравари посочи дека негов приоритет е и изнаоѓање решение за вработување на приватните специјализанти. Од 647 специјализанти, годинава ќе бидат ангажирани 300, додека за следната година ќе останат уште толку. Таравари ова го кажа при посетата на Клиниката за детски болести, каде беше промовирана новата опрема и реновирањето на невролошкиот оддел.
