Водата во Струга и по еден месец не се препорачува да се пие, поради загадувањето на изворот во селото Шум. Жителите продолжуваат да купуваат вода. Во последните три дена има подобрување, покажуваат анализите на Институтот за јавно здравје, но сè уште не може да се пие.
– Водата е чиста во последните денови, но Институтот за јавно здравје препорача да почекаме неколку дена за да се стабилизира чистата вода. Се надеваме дека тоа ќе се случи. Доколку тоа не се случи, ќе продолжиме со спроведување на други мерки, вели Менди Ќира, градоначалник на општина Струга.
Министерот за животна средина Муамет Хоџа вети дека владата ќе ѝ помогне на Општина Струга со 90 милиони денари во проектот за подобрување на состојбата, со замена на старите цевки со нови.
– Еден од проектите за кои разговаравме со градоначалникот на Општина Струга е проектот што се спроведува во водоводната мрежа, со замена на старите цевки кои беа многу стари и имаа дистрибуција на вода, проект кој изнесува 90 милиони денари, вели Муамет Хоџа, министер за животна средина.
Општина Струга објави дека заматеноста на водата во изворите е последица на долгогодишните недостатоци во управувањето и површинските интервенции во чувствителниот карстен хидрогеолошки систем на изворите „Шум“ и Белица, кои директно влијаат на квалитетот на подземните води.
