Помина една недела и нема никакви поместувања во однос на именувањата во Агенцијата за разузнавање.
Покрај тоа што на ниту една од раководните позиции на оваа институција не се назначи Албанец, што беше досегашната пракса. Претседателката Гордана Силјановска-Давкова одлучи и заменик директор да го назначи некој за кој не е јасно дали ги исполнува законските услови да ја извршува оваа функција.
Именувањето на Ивана Стојановска за заменик директорка го отвори прашањето, за потребното работно искуство за назначување на заменик директор на Разузнавање.
Членот 9 од Законот за Агенцијата за разузнавање предвидува дека услов за да се стане заменик директор е кандидатот да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата.
Кога за ова го прашавме кабинетот на претседателката, во одговорот кој ни го доставија заедно со биографијата на Стојановска, во 10-те години потребни за работен стаж, кабинетот ги брои и годините кога таа била ангажирана на универзитетите, како соработник и дел од академскиот-истражувачки кадар.
Според истата биографија што ни ја испрати „Вила Водно“, се гледа дека Стојановска почнала да работи во Агенцијата за разузнавање во 2016 година, односно пред 8 години. Недостигаат уште две години неопходно искуство, како што предвидува законот, но очигледно претседателката овие две години ги брои од работата на Стојановска на универзитетите, па таа пишуваат дека „Ивана Стојановска го исполнува законски пропишаниот услов, да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата, а има севкупно 18 годишно искуство од областа“.
Дополнително, во одговорот на кабинетот се нагласува дека претседателката „своите права и должности како Претседател на Републиката, ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите, а исклучиво водејќи се од македонските национални интереси“. Останува да се види дали ова ќе остане вака, или се направени отстапки. Сепак на интернет порталите веќе кружат фотографии од новата заменик-директорка која се гледа во друштво на Христијан Мицкоски, прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја поддржа Силјановска-Даквован во претседателската трка. Потсетуваме дека разрешениот директор на Агенцијата, Еролд Муслиу, во писмената реакција на неговото разрешување од страна на претседателот напиша дека претседателката „попушти под партиски притисоци“.
Покрај сите овие дилеми, уште едно прашање што се наметна по именувањето на новиот директор и заменик директор на Агенцијата за разузнавање е заобиколување на Албанците да бидат ставени на некоја од раководните позиции. Откако го разреши Еролд Муслиу од директорската функција, претседателката на негово место ја постави Габриела Јаковлева, а наместо Александра Бакревска заменик директор ја постави Ивана Стојановска. Ова предизвика реакции во Агенцијата за разузнавање. Вработените Албанци, како што дознава ТВ21, се револтирани бидејќи никој од раководителите на оваа институција не е Албанец, што не се случило 20 години, каде барем заменикот бил Албанец. Вработените Албанци кои ги исполнуваат сите услови се заобиколени, рече за ТВ21 вработен во Агенцијата за разузнавање.
Ова отвори дебата и судири меѓу политичките партии. Опозицискиот Европскиот фронт ја обвини коалицијата ВРЕДИ дека дозволува дефакторизација на Албанците. Од ВРЕДИ одговорија дека „имаат заменик директор во Агенцијата за Национална Безбедност, институција која според програмата на Владата се очекува да се спои со Агенцијата за разузнавање. По оваа реформа, како што се пишува, предлогот на коалицијата ВЛЕН за заменик директор во Агенцијата за национална безбедност ќе биде и заменик во интегрираната разузнавачка служба.
Дали двете институции ќе се спојат и кога тоа ќе се направи, останува да видиме – во спротивно ќе остане дека во наредниот период никој од челниците на Агенцијата за разузнавање нема да биде Албанец.

