Нухи Алиу, претседател на здружението на сопственици на индустриската зона во Визбегово, вели дека работите за канализација и водовод се завршени но и по една година компаниите се уште не се приклучени, а според него во прашање се процедури.
„Ние како здружение на индустриската зона Визбегово не сме задоволни бидејќи не се направени работите што ги побаравме. Да не’ приклучат како претпријатие на водовод и канализација бидејќи во 21век, ние се уште треба да зборуваме за проблемот со инфраструктура, водоводот и канализација во време кога технологијата отиде толку далеку“, вели Алиу.
Алиу за ТВ21 вели дека побарале средби со надлежните за да разговараат зошто компаниите не се приклучени на мрежата. Според Алиу ова е една од зоните која генерира најмногу приходи во државата, затоа треба што поскоро да се интервенира бидејќи недостигот на инфраструктура ги попречува бизнисите.
-Има неколку параметри кои навистина говорат дека оваа зона заслужува поголемо внимание од страна на институциите. Секој ден се жалат бизнисмените дека ги оштетуваат гумите, доаѓа и до пукање на гумите бидејќи патот е катастрофа и бара итно да се асфалтира.
Оваа зона се простира во две скопски општини, Бутел и Чучер Сандево. Од општина Бутел велат дека усвоен е ДУП-от кој е во завршна фаза а што ќе овозможи дополнителен развој на оваа индустриска зона, вели тој.
„Во однос на проектите, започнати се проекти за дел од улици во индустриската зона, а за споредната улица која воедно е и главна сообраќајница, по завршување на проектната документација ќе се аплицира на проекти од Светска Банка во министерството за транспорт и врски. За останатите улици согласно динамиката и предвидените средства во буџетот ќе бидат реализирани во наредниот период“, велат од општина Бутел.
Од Министерството за транспорт и врски за ТВ21 се пофалија дека се инвестира постојано во подобрување на условите во оваа зона. Според нив, за изградба на општинската инфраструктура во оваа зона инвестирани се 213 милиони денари. Изграден е водовод во вредност од 117, 6 милиони денари и е изградена канализација во вредност од 95, 5 милиони денари.
