Ферати на средба со Хоџа: Унапредување на соработката, инфраструктурата и повеќе заеднички проекти за социјална кохезија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, во просториите на Министерството за надворешни работи во Тирана.

Како што соопштија од ова министерство, на средбата се разговарало за унапредување на меѓудржавните односи и подобрување на инфраструктурната поврзаност како фактори за економски развој и зближување на граѓаните. Министерот Ферати ги презентирал напорите на Министерството за создавање нова клима меѓу етничките заедници и за борба против стереотипите што негативно влијаат врз нивните меѓусебни односи.

Од друга страна, министерот Хоџа изразил подготвеност за продлабочување на односите во сите области и ја истакна потребата од координирање на напорите за Коридорот 8. Се очекува патниот дел од Коридорот 8 во Албанија да биде завршен во 2029 година, додека железничкиот дел треба да биде завршен во 2032 година. Дополнителните олеснувања на граничните премини беа оценети како значајни за зајакнување на поврзаноста и благосостојбата на граѓаните.

Двајцата министри ја истакнале важноста на партнерството во рамките на регионалната соработка и европската интеграција, преку конкретни иницијативи што го олеснуваат движењето и создаваат нови можности за заеднички развој и просперитет.

Македонија и Албанија се сојузници во евроатлантското семејство и ја делат заедничката цел за полноправно членство во ЕУ. „Се очекува забрзувањето на овој процес да придонесе за економски развој, зајакнување на демократијата и владеењето на правото, како и за подобрување на социјалната благосостојба“, се вели во соопштението од Министерството за односи меѓу заедниците.

На состанокот посебно внимание било посветено на социјалната кохезија, при што министерот Ферати ја истакнал важноста на проширувањето на соработката преку организациите на граѓанското општество во двете земји, покрај меѓуинституционалната соработка.

Двајцата министри ја потврдиле својата подготвеност за подигнување на билатералните односи на ново ниво и за претворање на соработката во конкретни резултати во интерес на граѓаните на двете земји.