Инфантино се повлече: ФИФА се откажа од планот за „продажба“ на Светското првенство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, официјално се откажа од контроверзниот предлог за продажба на удели во комерцијалните права на најголемите натпреварувања на светската куќа на фудбалот, откако планот наиде на силен отпор од фудбалските конфедерации ширум светот.

Инфантино призна дека иницијативата предизвикала длабоки поделби и дека нејзиното продолжување повеќе не е во интерес на организацијата.

„Откако внимателно ги сослушавме сите ставови, стана јасно дека проектот создаде поделби од таква природа што, без оглед на нивото на поддршка, веќе не се во интерес на целта што беше првично поставена. Како резултат на тоа, овој предлог нема да продолжи“, изјави првиот човек на ФИФА.

Предлогот предвидуваше приватни инвеститори да добијат удел во највредните турнири на ФИФА, меѓу кои машкото и женското Светско првенство. За да обезбеди поддршка, Инфантино им понудил на сите 211 национални федерации по 40 милиони долари како дел од финансискиот пакет поврзан со проектот.

Повлекувањето на иницијативата беше поздравено од претседателот на Азиската фудбалска конфедерација (АФК), шеикот Салман бин Ебрахим Ал Калифа, кој нагласи дека иднината на светскиот фудбал мора да се гради преку консензус, дијалог и почитување на воспоставените управувачки механизми.

Клучен момент во целата приказна беше одлуката на сите 55 членки на УЕФА да изгласаат бојкот на Светските првенства доколку ФИФА продолжи со реализација на планот. Набргу потоа, против предлогот се изјаснија и КОНКАКАФ, како и АФК, со што притисокот врз раководството на ФИФА дополнително се засили.

Во меѓувреме, оперативниот директор на ФИФА, Кевин Ламур, изјави дека администрацијата на организацијата била „измамена“ во врска со проектот, додека вишиот советник на Инфантино за глобална стратегија и управување, Карлос Кордеиро, поднесе оставка, оценувајќи дека станува збор за „лоша зделка за фудбалот“ која би ја загрозила неговата иднина.

Дополнителен удар за Инфантино дојде и од политичките кругови, откако британскиот премиер Енди Бурнам оцени дека актуелниот претседател е „погрешниот човек“ за да ја предводи ФИФА.

Со повлекувањето на предлогот, ФИФА засега стави крај на една од најконтроверзните иницијативи во поновата историја на светскиот фудбал, која за кратко време предизвика силно обединување на повеќе континентални конфедерации против раководството на организацијата.