Инспектори дошле откако болницата спроведе мерки – утврдиле дека роднините не влегуваат во ковид-центарот во Тетово

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 12 септември изврши вонредна инспекција во ковид-центарот во Тетово и констатираше дека внатре нема надворешни лица кои се грижат за заразените пациенти. Можеби резултатот од нивниот надзор е ваков бидејќи болницата еден ден претходно имаше преземано одредени мерки.

-За време на надзорот инспекторите не затекнале надворешни лица и не констатирале повреда на законот. Тоа најверојатно се должи на реалните промени во функционирањето на болницата под притисок на јавноста по трагичниот настан.-велат од ДСЗ.

Токму ноќта меѓу 11 и 12 септември, екипата на ТВ21 ја посети Клиничката болница во Тетово каде самите роднини на хоспитализираните пациенти пред камера потврдија дека во ковид-центарот има луѓе од надвор кои се грижат за болните и дека раководството на болницата дало наредба сите придружници да бидат отстранети. И денеска нашата екипа беше во посета на тетовската болница. Роднините на ковид-пациентите велат дека услугата е видливо подобрена во споредба со претходните недели.

-Јас сега дојдов, не знам како било порано. Сега за сега не смееме да влегуваме внатре. Не, не дозволуваат да влегуваме внатре. Посети нема. Брат ми е тука.
-Што вели брат Ви, зборувавте со него?
-Да, да, вели дека условите се многу добри, максимални.

-Дојдов во посета, но не ми дозволија.
-Имате доаѓано и порано?
-Да, роднините се грижеа за болните.
-Дали мислите дека има доволно персонал?
-Не, нема. Додека ќерката седи тука и се грижи за родителот, додека некој мора да биде ангажиран да се грижи за својот близок кој е во болница, да му дава храна и да му помага, за каков медицински персонал зборуваме? Тогаш нема да има потреба да има придружници внатре и да се грижат за свои блиски да ги хранат или да им помагаат при некоја друга потреба.

Никој од тетовската болница не сакаше да говори пред камера. Само писмено кусо ни одговорија дека имаат доволно персонал кој се грижи за пациентите. И денеска во Клиничката болница во Тетово продолжи прибирањето на документацијата од страна на истражните органи во врска со трагедијата, а како што дознава ТВ21 во ковид-центарот биле и екипите на крим-техниката за прибирање дополнителни докази. Утре се очекува четворица германски експерти да пристигнат во Тетово и да почнат со истражување на причините на пожарот кој избувна во модуларната болница во Тетово.