Жолти ленти на вратите на неколку маркети во земјава. Затворени се од Управата за јавни приходи.
Но, заменикот-директор на УЈП, Абдуљселам Селами негира дека на овие маркети им е забрането вршење на дејноста, објаснувајќи дека се затворени само за време на контролата која се спроведува со цел да се утврди дали ја почитуваат мерката „0% ДДВ“ за основните продукти.
„Видов реакции, реакциите се неосновани бидејќи не станува збор за затворање на маркетите, туку тоа е само опис, попис на стоката на маркетите. Секој инспектор има право да побара да се направи попис за да се утврди фактичката состојба на одреден субјект. Бројот на инспекторите и даночните инспектори е голем за што поскоро да се заврши процедурата“, вели Абдуљселам Селами.
Истото го потврдуваат и од еден синџир маркети, од каде велат дека со цел обезбедување услови за работата на инспекторите, маркетите ќе бидат затворени до завршувањето на целата постапка.
Селами објаснува дека најмногу недоследности се забележани кај одредени продукти. Додава дека има и зголемување на бројот на пријави од граѓаните. Според него, инспекциските контроли ќе продолжат со цел целосно спроведување на мерката „0% ДДВ“ за основните прехранбени производи.
„Најмногу нерегуларности се регистрирани кај месните производи, оризот во пресметките на ДДВ 5%, 18% што значи дека во некои маркети сѐ уште не се спроведува законот. Ги повикувам сите граѓани во секое време да бараат фискални сметки во маркетите каде пазаруваат и да го проверат ДДВ-то за основните производи, мерка која Владата ја донесе со Законот за 0% ДДВ“, додава Абдуљселам Селами.
Сите нерегуларности граѓаните ќе можат да ги пријават на телефонската линија 198 или во подрачните канцеларии на УЈП. Казните се изрекуваат согласно големината на објектот, бројот на вработените и просечните приходи. Досега се спроведени 611 инспекциски контроли, а констатирани се 114 неправилности.
