Претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Димовска: Затворот не е одговор за секој криминалец, а пробацијата не е привилегија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Условната казна со заштитен надзор е шанса за вистинска ресоцијализација, а не купена привилегија за моќниците, порачува претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска во интервју за 360 степени.

Претседатеката на овој суд, кој предничи со најголем број вакви пресуди, во однос на неискористените електронски алки за куќен затвор лоцира дека проблемот не е во судовите, туку во строгите законски ограничувања и недостигот на прецизни правилници за тоа кому може да се изрече таа мерка

Статистиката, како што објавува „360 степени“, покажува дека овој скопски суд има несразмерно поголем број на пресуди со алтернативни мерки во споредба со останатите судови во земјата. Речиси 7 од 10 предмети за алтернативни мерки се нивни.

„Тој факт јас го гледам не само како показател, туку и како обврска на Кривичниот суд Скопје како најголем суд да ги примени новите современи механизми на извршување на санкцијата. Скопје е најголемиот судски центар, тука се наоѓаат поголем дел од судовите, така да природно е тие промени побрзо да се препознаваат и да се применуваат. Не би рекла дека во останатите градови не се применува пробацијата, но секако дека има простор за поголема примена на оваа мерка. Сметам дека со подобрувања на системот за пробација, со подобрите извештаи за ризик и поголемата доверба од страна на јавноста во овој институт, оваа мерка сè повеќе ќе се применува“, вели Димовска.

На ставот на извршната власт дека кај дел од судиите постои одреден степен на „неедукација“ или страв кога станува збор за алтернативните мерки, Димовска се спротивставува. Според неа, судијата мора да го процени секој поединечен ризик.
„Јас не би го генерализирала тоа така и сметам дека не станува збор за неедукација на судиите, туку апсолутно треба да се прави разлика помеѓу едуцираност и внимателност. Мислам дека станува збор за поголема внимателност, бидејќи судиите кога ги определуваат овој тип на мерки, внимаваат на ризикот, на слабостите и на сите останати елементи, односно дали постои можност за изрекување на овој вид на мерка“, нагласува таа.

Во однос на перцепцијата дека условната казна со заштитен надзор или куќен затвор, е неказнивост или привилегија за моќните, Димовска вели дека стравот од јавноста не е пресуден за судиите, но перцепцијата мора да се промени.

„Јас го разбирам сомнежот кај дел од јавноста кога ќе слушне дека некој направил кривично дело, а за истото не оди во затвор туку добива алтернативна мерка, сметајќи дека станува збор за одредена привилегија. Но, јас сакам да упатам една порака дека пробацијата не е привилегија или подарок, не станува збор за поволност, туку станува збор за начин на извршување на одредена казна… Затворите не треба да бидат одговор на секој криминалец, туку нас ни требаат истите тие да бидат вратени во системот ресоцијализирани. Пробацијата е токму тоа – извршување на одредена казна под одредени принципи, под одредена контрола, со којашто ресоцијализацијата, односно враќањето во системот е главната цел“, вели Димовска во интервју за 360 степени.