„И желка да беше, од 9 до 31 декември ќе ги донесеше документите, а ако не биле подготвени како што треба, ќе биле вратени“, велат тие.
Работниците од Детската клиника кои останаа без работа, затоа што Министерството за финансии не дало согласност за нивно вработување, во знак на протест повторно излегоа пред Министерството, но овојпат со документи да ја докажат официјалната комуникација меѓу институциите – кога Клиниката го поднела барањето и кога е вратен одговорот.
„Конечниот документ е од 28 април, значи овој документ поминал низ Министерството за здравство, Министерството за финансии и ни е вратен на 28 април. Значи, без два дена – пет месеци! Одговорот повторно е негативен. Ние пет месеци го чекавме, а потоа излезе министерката за финансии и рече: ‘Ние документите ги добивме на 22 јануари’, но ние имаме доказ дека датумот е 09.12.2025“, изјави Флора Гаши.
Едноставно кажано, барањето на Клиниката до Министерството за финансии за вработувања е поднесено во декември, а одговорот, според вработените и директорот Реџеп Мемеди, Клиниката го добила во април. Во текот на тие месеци околу 50 работници продолжиле да доаѓаат на работа, иако за нив не биле предвидени финансиски средства.
„Одговорот е од 28 април и кога директорот нè информираше, некои доброволно продолжија да доаѓаат на работа, но на крајот сите си заминавме дома, со надеж… Потоа директорот поднесе ново барање, откако го доби овој негативен одговор на 28 април, уште едно барање за 50 работници – и тоа е вратено со негативен одговор“, вели Седат Буши.
И директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, при објаснувањето на случајот ги изнесе истите податоци, тврдејќи дека Клиниката правилно го испланирала буџетот за вработувања и ангажмани по договор на дело.
„Со истиот план-буџет Министерството за финансии во 2025 година, по наше барање, ѝ даде на Детската клиника согласности за ангажирање на работници со договор на дело. Во декември 2025 година, заедно со барањето за продолжување на тие согласности за 2026 година, Клиниката достави и табела во која прецизно беше наведен соодветниот буџет за овие вработувања и буџетот со кој располага Клиниката за исплата на плати. Дури на 22 април 2026 година Детската клиника доби официјален негативен одговор од Министерството за финансии во врска со нашето барање испратено во декември 2025 година“, вели Реџеп Мемеди, директор на Клиниката за детски болести.
Но министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, го негира тоа и изнесе поинаква верзија.
„На 22 јануари пристигнало барањето од Детската клиника. Прво, поминале 22 дена во кои работниците оделе на работа, а барањето влегло во Министерството за финансии по 1 јануари, односно на 22 јануари. Тој требало да обезбеди согласност пред Нова година за да може да ги задржи вработените. Тоа значи дека повторно се враќаме на прашањето како ги ангажирал и ги повикал на работа кога законски не можел да го направи тоа“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии.
Додека институциите се судираат и меѓусебно ја префрлаат вината, околу 50 вработени во моментов се без работа и чекаат решение. Последиците ги чувствува Детската клиника, која се соочува со сериозен недостиг на кадар, што го потврдуваат и директорот на Клиниката, и министерот за здравство, но и самите вработени.
„Клиниката не е пред колапс, туку веќе е во колапс. Три одделенија се затворени. Амбулантата долу работи – не работи, затоа што има само една медицинска сестра која ја врши работата на сестра, лекар, хигиеничар и административец“, вели Флора Гаши.
