Интерпелација за претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски поднесоа од ДУИ.
Илир Хасани од оваа партија образложи дека барањето одговорност е поради тоа што Костадиновски со своите изјави околу законот за јазиците го прекршил Уставот со тоа што рекол дека со него се предизвикало хаос во општеството.

„Врз основа на кој член од Уставот или конкретен закон претседателот на Уставниот суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос и дали е во надлежност на претседателот на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција. Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и покренуваат сериозни сомнежи за непристрасноста и објективноста на претседателот на судот“, порача Илир Хасани.
Дополнително во барањето одговорност на Костадиновски се наведува дека тој користи дискриминаторска терминологија во комуникација со Венецијанската комисија.

„Во барањето до Венецијанската комисија, Уставниот суд преку својот претседател го употреби зборот малцинство, кој реално не се појавува во нашиот Устав. Со тоа, Уставот признава само термин немнозински заедници. И секое отстапување од оваа терминологија претставува уставно, но и политичко кршење на Уставот и на законите“, вели Илир Хасани.
Од Уставниот суд не сакаат да ја коментираат иницијативата за интерпелација и се повикуваат на претходен став во кој наведуваат дека судот е независно тело, дека во Уставот не е предвидена можност за разрешување на судија и институтот интерпелација не може да се примени за уставните судии.

„Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски останува на ставот дека нема да коментира политички изјави и постапки. Во врска со можноста за интерпелација на уставен судија, Судот веќе официјално има соопштено став“, велат од Уставен суд.
Дебата за законот за употребата на јазиците инаку се одложи, откако Управен суд го поништи изборот на судијката Елизабета Дуковска, по што Костадиновски рече дека расправата ќе се одржи кога Уставниот суд ќе биде комплетен.
