Работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ќе биде предмет на собраниската расправа закажана за денес, по интерпелацијата поднесена од опозициската партија Левица.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, завчера информираше дека ја закажал расправата за во среда и посочи дека пратениците ќе дебатираат за наводите изнесени во интерпелацијата поднесена во мај годинава.
Во интерпелацијата, од Левица го обвинуваат Тошковски за, како што наведуваат, саботирање на истраги, селективна правда, непрофесионално постапување на полицијата и судир на интереси. Партијата претходно оцени дека Министерството за внатрешни работи функционира како „приватна партиска полиција“.
По поднесувањето на интерпелацијата минатиот месец, Тошковски јавно посочи дека Левица со третата интерпелација против него уште еднаш покажала дека станува најкорисниот сојузник на СДСМ и ДУИ, партии против кои со години граделе имиџ на алтернатива и ветуваа поинаква политика, а практично ги бранат преку напади кон секој што се обидува да воведе ред, одговорност и функционирање на системот.
“Оваа трета интерпелација не е израз на грижа за државата туку евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот, корупцијата и долгогодишната неказнивост која ја практикуваа нивните денешни партнери. Затоа што кога системот конечно почнува да функционира, најмногу се вознемируваат токму оние што со години профитирале од неговото нефункционирање“, оцени Тошковски минатиот месец во објава на социјалните мрежи.
