Промовиран дел од 700 метри од булеварот Видое Смилевски Бато во Тетово, проект во вредност од 1.1 милиони евра. Градоначалникот Биљал Касами соопшти дека овој проект опфаќа атмосферска и фекална канализација, осветлување и зеленило.
-Овој проект е значаен бидејќи решава еден од најголемите инфраструктурни проблеми на општина Тетово. Значајно е и затоа што најавува голем бран инвестиции во инфраструктурата поддржани од Владата, а кои за годинава за Тетово ќе бидат во вредност некаде околу 15 милиони евра и од кои голем дел се предвидени во подобрување на патната инфраструктура, изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека овој булевар веќе ја добил својата форма.
Вицепремиерот Изет Меџити истакна дека овој проект е важна придобивка за граѓаните на Тетово, овозможувајќи послободно и побрзо движење во градот.
-Министерството за животна средина учествуваше во неговата изградба во рамки на бројни проекти кои ги поддржуваме низ целата држава, што за прв пат се случува токму во оваа Влада, изјави Изет Меџити, вицепремиер.
Овој проект започна во 2016 година, со финансирање од Светска банка, а се очекуваше работите да започнат во 2020 година, но работата беше прекината поради пандемијата. Булеварот ќе се протега до село Порој, а целта е да се олесни сообраќајот во населбата Дреновци.
