Оваа година се очекува да започне изградбата на фабриката Е-Го за производство на електрични автомобили во Тетово. Проектот за оваа капитална инвестиција беше најавен во август минатата година од страна на премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети и неколку министри како и од самиот инвеститор Љаљзим Дестани.
„Јас сум многу среќен и благодарен на компанијата која го избра 13 август како многу важен момент за ставање крај на војната и отворање на патеката на мирот, ние 21 година постојано сме поддржувачи, и како што вели Ајнштајн, животот е како возењето велосипед, ако застанеш губиш рамнотежа и паѓаш“, вели Али Ахмети.
Фабриката ќе се изгради во овие простории на ТИРЗ во Тетово. Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски за ТВ21 објасни зошто беше одолжен почетокот на градежните работи.
Тој вели дека имало проблем со парцелата каде што е поставен камен-темелникот и дека сега решението е најдено во друга парцела до неа и дека работите ќе почнат наскоро и исто така вети дека градежните работи ќе бидат завршени на закажаниот датум, во 2024 година.
Според Деспотовски, оваа инвестиција ќе ја зајакне перцепцијата за РСМ за идни уште посериозни инвестиции. Инаку, инвестицијата е вредна 130 милиони евра, а се очекува отворање на 900 нови работни места. Електричниот автомобил „Е-Го“ ќе биде првиот електричен автомобил што целосно ќе се произведува во нашата земја. Компанијата е германска, додека фабриката се очекува да има производствен капацитет од 30.000 автомобили годишно.
