Напишал три книги и една збирка задачи по електротехника за средно училиште, на албански јазик, но бидејќи не можел да ги преведе на македонски јазик, бил спречен д аплицира на конкурсот на МОН. Инженерот Екрем Мифтари професор во средно училиште, вели дека книгите не може да ги преведе бидејќи му се потребни дополнителни средства и ресурси.
“Како што спомнав претходно, имам три електронски книги, а ракописот треба да се преведе и да се достави на македонски јазик, повеќето колеги што ги имам Албанци, ги имаат нивните текстови не ги доставуваат бидејќи знаат кои се критериумите и зошто ние да правиме две работи залудно, да ги преведуваме на македонски јазик кога ги имаме на албански јазик.“, рече Мифтари.
Бара од МОН да го поништи конкурсот за да може да аплицира со изданијата на албански јазик. Но вели доколку тоа не е можно, барем министерството да му овозможи апликацијата да биде со коавтори од двете етнички припадности.
„Зошто Министерството не оди со двајца автори. Тој што е подобар, да има право да достави на албански јазик. Ако е мојата книга подобра, зависно од проценката на Комисијата, во ред, не е проблем за мене дали ќе биде Станко или Екрем или некој друг. Барем да не ми се негира правото.“, изјави Мифтари.
Конкурсот е отворен од средината на јуни и ќе трае до август. Го прашавме министерот за образование и наука дали ќе го поништи конкурсот, тој рече дека не може да се поништи а додаде дека за да се аплицира на албански, треба да се смени законот.
„Не може да се смени конкурсот, бидејќи тоа е законски императив и е во согласност со законот. Едно од прашањата со кои ќе се занимаваме во следниот мандат, е измената на законот за школски текстови, освен на македонски да се доставуваат и на албански јазик.“, рече Адеми.
Книгите на инженерот Мифтари биле користени како референца и од колегите кои објавиле книги, бидејќи содржат научна литература на светски јазици која тешко се наоѓа во нашите библиотеки.