Иран денеска изведе нови напади врз Израел и врз земји од Персискиот Залив, само неколку часа откако иранската државна телевизија објави дека Моџтаба Хамнеи, син на убиениот врховен лидер Али Хамнеи, е именуван за негов наследник.
Моќната иранска паравоена Револуционерна гарда директно одговара пред врховниот лидер, а помладиот Хамнеи ќе има централна улога во воената стратегија на земјата.
Саудиска Арабија денеска упати остро предупредување до Иран, порачувајќи дека ќе биде „најголемиот губитник“ доколку продолжи со нападите врз арапските држави. Саудиското соопштение следеше по напад со дрон врз големото саудиско нафтено поле Шајбах.
Бараж дронови бил испален рано утрово кон Саудиска Арабија, само неколку часа по нападот во кој во таа земја биле убиени двајца државјани на Бангладеш.
Саудиското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана пресретнала дронови во северниот регион Џавф, како и во близина на големото нафтено поле Шајбах.
Доцна синоќа, во напад врз централниот град Караџ биле убиени двајца државјани на Бангладеш, а 12 лица биле повредени, од кои само едно не е од Бангладеш.
Во Бахреин денеска повторно се огласија сирените поради доаѓачки проектили.
Израелската војска предупреди на нов ракетен напад од Иран, по што сирени се огласија во делови од северен Израел.
Државната нафтена компанија на Бахреин прогласи „виша сила“ за своите испораки по иранскиот напад врз рафинеријата, при што објектот бил зафатен од пожар.
Државната бахреинска новинска агенција објави дека прогласувањето „виша сила“ е правен механизам со кој компанијата се ослободува од договорните обврски поради вонредни околности.
Компанијата соопшти дека нејзините операции се погодени од тековниот регионален конфликт на Блискиот Исток и од неодамнешниот напад врз комплексот на рафинеријата. Бахреин исто така соопшти дека може да ја задоволи локалната побарувачка.
Обединетите Арапски Емирати денеска соопштија дека нивната противвоздушна одбрана втор ден по ред пресретнала дронови и ракети кои доаѓале од Иран.
Во иранскиот напад врз Бахреин денеска избувнал пожар во единствената нафтена рафинерија во оваа островска кралство, а биле забележани високи столбови чад кои се издигале од комплексот. Видео снимки на интернет наводно го прикажуваат пожарот во бахреинската рафинерија Ситра.
Подоцна државната бахреинска новинска агенција соопшти дека пожарот избувнал поради иранска агресија насочена кон рафинеријата во Маамер, каде што е предизвикана материјална штета, но нема жртви. Маамер е бахреинско село во близина на рафинеријата.
Владата на Бахреин не го идентификуваше веднаш погодениот објект како рафинеријата, иако таа била цел на повторени ирански напади од почетокот на војната.
Израелската војска соопшти дека погодила цели во иранскиот град Исфахан, каде што биле таргетирани безбедносните сили. Според нив, погоден е команден центар на Револуционерната гарда и нивните доброволни сили Басиџ.
Израелската војска соопшти и дека погодила постројка за производство на ракетни мотори, како и локации за лансирање ракети.
Иран засега не потврди дека нападите се извршени, ниту објави податоци за материјалните загуби од почетокот на војната на 28 февруари.
Поради конфликтот на Блискиот Исток денеска нагло пораснаа цените на нафтата, што предизвика дополнителни стравувања дека поскапувањето на енергенсите ќе ја поттикне инфлацијата и ќе доведе до намалена потрошувачка кај американските потрошувачи – главниот двигател на економијата на САД.
Истовремено, берзанските индекси во Азија забележаа пад. Референтниот индекс Никеи 225 на берзата во Токио изгуби дури седум проценти во тргувањето, додека пад беше регистриран и кај другите азиски берзански индекси.
