Иран ја зајакна контролата врз Ормускиот теснец и заплени два брода

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран ја засили контролата над Ормускиот теснец и заплени два брода, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека ги одложува новите напади врз таа земја, потврди денеска Ројтерс.

Според агенцијата, статусот на двонеделното примирје, кое требаше да истече претходно оваа недела, останува нејасен, а засега нема навестувања дека мировните преговори наскоро ќе продолжат.

Претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Калибаф, изјави дека целосен прекин на огнот е можен само доколку САД ја укинат поморската блокада на Иран, која Техеран ја смета за чин на војна.

Иранската Револуционерна гарда запленила два брода во Ормускиот теснец и ги спровела до иранскиот брег, со образложение дека пловеле без потребните дозволи и манипулирале со навигациските системи, наведува Ројтерс.

Во исто време, американската војска соопшти дека повеќе од 30 бродови се пренасочени или вратени во пристаништа во рамки на блокадата на Иран, додека најмалку три ирански танкери биле пресретнати во азиските води.

Ројтерс додава дека мировните преговори се во застој, и покрај посредувањето на Пакистан, а нов рок за постигнување примирје не е утврден.

Конфликтот, кој започна кон крајот на февруари со заеднички напади на САД и Израел врз Иран, сè уште трае, а Ормускиот теснец, низ кој поминува значителен дел од светската трговија со нафта, останува практично затворен, што влијае врз глобалните енергетски пазари.

Цената на нафтата од типот Брент се задржа над 100 долари за барел на азиските пазари, додава Ројтерс.