Иран категорично негираше каква било поврзаност со експлозијата што предизвика пожар на јужнокорејски товарен брод во Ормутскиот теснец во понеделникот. Пожарот избувнал во машинската просторија на бродот што плови под панамското знаме, а на кој имало 24 члена на екипажот, вклучувајќи шест јужнокорејски државјани, пишува Скај њуз.
Министерството за надворешни работи во Сеул објави дека причината за пожарот сè уште не е јасна и дека истрагата е во тек. Од друга страна, Доналд Трамп изјави дека Иран пукал кон бродот, како и кон некои други цели во Ормутскиот теснец.
Иранската амбасада во Сеул одговори на тврдењата со соопштение во кое „силно ги отфрла и категорично ги негира сите обвинувања“ за нејзина вмешаност во инцидентот.
Во соопштението, исто така, се вели дека поради, како што ги нарече, агресивните дејствија на САД и Израел, Иран сега го смета Ормутскиот теснец за клучен дел од својата „одбранбена географија“. Амбасадата забележа дека безбедносните протоколи во стратешкиот воден пат се променети поради зголемените тензии предизвикани од „непријателските сили и нивните сојузници“.
Имено, кабинетот на јужнокорејскиот претседател одржа состанок на 5 мај за можниот одговор на Сеул на инцидентот во Ормутскиот теснец. На состанокот присуствуваа началникот на Генералштабот Канг Хун-сик и други високи функционери, но деталите од состанокот не беа објавени, пренесува Јонхап.
Фото: Архива
