Бутел добива нов мега парк – „Бутелската Оаза“ ќе се простира на 50.000 квадратни метри

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Просторот кој со години бил запуштен и се користел како депонија, во општина Бутел се трансформира во нов мега парк на површина од 50.000 квадратни метри. Ова го објави градоначалникот на општината Дарко Костовски, посочувајќи дека проектот е наменет за создавање нова зелена и рекреативна зона за граѓаните.

Според објавата на Костовски, локацијата претходно била предвидувана за изградба на висококатници, но сега се уредува како јавен простор со различни содржини.

Новиот парк, наречен „Бутелска Оаза“, ќе опфаќа зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес-зони. Содржините, како што наведува градоначалникот, ќе бидат наменети за сите генерации – деца, млади, семејства и повозрасни граѓани.

Костовски во објавата посочува дека проектот се реализира во соработка со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и дека со него се исполнува ветувањето за трансформација на запуштениот простор во ново зелено катче.

Од општината очекуваат новата зелена површина да придонесе за подобрување на квалитетот на животот, почист воздух и намалување на урбаната топлина.