Иран: Ормускиот теснец е целосно отворен – Трамп: Се согласивме за повеќето точки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иран соопшти дека Ормускиот теснец е повторно отворен за трговски бродови, додека Доналд Трамп истовремено потврди дека американската поморска блокада на иранските пристаништа останува во сила сè додека не се финализира договорот меѓу двете земји.

Во објава на платформата Truth Social, Трамп изрази задоволство од одлуката на Техеран да го отвори теснецот, оценувајќи дека тоа е чекор кон нормализирање на поморскиот сообраќај.

„Ормускиот теснец е целосно отворен и подготвен за нормален сообраќај, но поморската блокада на иранските пристаништа останува на сила додека нашиот договор со Иран не биде целосно завршен. Тој процес треба да оди многу брзо, бидејќи повеќето точки веќе се договорени“, напиша Трамп.

Претходно, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи соопшти дека преминот низ Ормускиот теснец е „целосно отворен“ за сите трговски бродови за време на преостанатиот период од примирјето во Либан.

„Во согласност со примирјето во Либан, преминот за сите трговски бродови низ Ормускиот теснец се прогласува за целосно отворен за преостанатиот период од примирјето, по координирана рута како што претходно објави Организацијата за пристаништа и поморство на Исламската Република Иран“, изјави Арагчи.

Сепак, останува нејасно дали одлуката на Иран ќе влијае врз американската блокада, која според Трамп засега останува на сила. Претходно, Техеран најавуваше дека преминот ќе биде отворен само за земји кои соработуваат со неговите безбедносни структури.

Овие случувања доаѓаат во момент кога меѓународната заедница интензивно се обидува да обезбеди стабилност во регионот. Британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон најавија виртуелен состанок со учество на околу 40 светски лидери, на кој ќе се разговара токму за безбедноста и слободата на пловидба низ овој стратешки важен морски премин.