ИРЛ: „Нови наоди отвораат дилеми: Дали токсични гасови, а не само чад, биле причина за смртта во „Пулс“?“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека обдукциските наоди и сведоштвата од терен отвораат сериозни дилеми за причината за смртта на жртвите во пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“. Иако кај 50 лица официјално е наведено труење со јаглерод моноксид, кај ниту едно од нив не биле утврдени фатални концентрации на овој гас.

Според ИРЛ, хемиското и градежното вештачење, како и исказите на преживеаните, укажуваат дека при пожарот гореле материјали кои испуштаат смртоносни токсични гасови, меѓу кои и водороден цијанид, настанат од согорување на полиуретански сунѓер.

Медицинските лица опишуваат ненадејни колапси и смрт за неколку минути, клиничка слика што, како што наведува ИРЛ, не одговара на класично труење од чад.

И покрај овие индиции, во обдукциите не биле направени анализи за присуство на цијанид, поради што, според ИРЛ, клучното прашање за вистинската причина за смртта на жртвите и натаму останува без одговор.

Извор: ИРЛ