Николас Кејџ призна, формално го сменил презимето за да се разликува од познатите роднини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Николас Кејџ објави дека официјално го променил своето законско име – и тоа во Николас Кејџ. Неговото вистинско име било Николас Ким Копола, но актерот откри дека минатата година и формално го сменил.

„Јас сум Ник Кејџ. Законски го сменив името минатата година. Во реалниот живот сум Ник Кејџ, а Ник Кејџ сум и на екранот. Подобро е да бидам патријарх на сопственото семејство отколку отфрлен кловн-роднина во нечие друго семејство, па решив целосно да се посветам и да бидам ‘Кејџ’“, изјавил тој во разговор за Variety.

Инаку, 62-годишниот актер потекнува од познатото семејство Копола. Тој е син на професорот и писател Август Копола, а внук на славниот режисер Франсис Форд Копола и актерката Талија Шајр. Тоа значи дека режисерката Софија Копола и актерот Џејсон Шварцман му се братучеди.

Зошто го избрал презимето „Кејџ“?

Малкумина знаеле дека вистинското презиме на актерот е Копола, бидејќи јавноста со години го препознава како Кејџ. Тој открил дека презимето го избрал по ликот Лук Кејџ од Marvel Comics, но и по композиторот Џон Кејџ, чиј голем обожавател бил.

„Кејџ е име што ми се допадна од стриповите. Мислев дека звучи одлично. Растев во многу авангардно и уметничко семејство и често се зборуваше за Џон Кејџ и неговите експериментални композиции“, рекол актерот.

Тој објаснил и зошто го задржал името Николас.

„Си реков дека ќе го задржам името Николас затоа што татко ми ми го дал тоа име, со францускиот правопис, што отсекогаш ме нервирало бидејќи сите додаваат ‘х’ во него. Не знам зошто ми го дал со францускиот правопис, но така беше“, изјавил Кејџ.

На крајот појаснил дека луѓето можат да го нарекуваат и Ник и Николас.