Македонија да не влегува во конфликт со Бугарија, туку да ги исполни обврските за ЕУ – бара бугарската министерка Петрова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарија нема намера да се откаже од позициите утврдени во 2022 година во однос на евроинтегративниот процес на Македонија, порача министерката за надворешни работи Велислава Петрова, нагласувајќи дека напредокот кон Европската Унија зависи од исполнување на преземените обврски.

Во интервју за бугарската национална телевизија „БНТ“, Петрова истакна дека евроинтеграцијата на Македонија не е билатерално, туку европско прашање, кое се однесува на односите меѓу земја-кандидат и Европската Унија.

Таа додаде дека од Софија доаѓа „исклучително позитивен тон“, но истовремено оцени дека од Скопје не секогаш се гледа соодветна политичка зрелост.

„Се надевам дека ќе видам политичка зрелост од другата страна. Често не го гледам тоа“, изјави Петрова.

Министерката повтори дека ставот на Бугарија за таканаречениот „француски предлог“ останува непроменет и дека тој претставува дел од европската позиција усвоена во 2022 година.

„Ова е европската позиција. Тоа беше клучното достигнување во јуни и јули 2022 година“, нагласи таа, додавајќи дека лично учествувала во преговорите за Преговарачката рамка.

Петрова изрази разочарување што, според неа, и по четири години нема суштински напредок во процесот.

„Тажно е што се враќам во Владата и гледам дека нема напредок по ова прашање“, рече таа.

Според бугарската министерка, Македонија треба да го искористи, како што го нарече, „отворениот прозорец“ за проширување на ЕУ и да се фокусира на исполнување на обврските, наместо на зголемување на тензии со Софија.

Изјавите доаѓаат во период на повторно влошени политички односи меѓу Скопје и Софија, по ставот на македонската Влада и премиерот Христијан Мицкоски дека нема да има уставни измени без, како што велат, промена на пристапот од бугарска страна.

Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта следната недела доаѓа во Македонија, а од Владата очекуваат разговорите да придонесат кон изнаоѓање решение за спорните прашања со Бугарија.

Премиерот Мицкоски повтори дека нема отстапки во однос на македонскиот идентитет и дека очекува фер пристап во евроинтеграциите.